matel
20 Sep, 2008
Atlantida
Autor matel 00:09 | Permalink Permalink | Comments Komentari (1) | Trackback Trekbekovi (0) | Generalna

 

 Атлантида (на старогрчки: Ἀτλαντὶς νῆσος, „островот на Атлас“) е име за легендарниот остров, кој за првпат е спомнат во Платоновите дијалози Тимеј и Критија. Според приказот на Платон, Атлантида лежи „зад столбовите на Херакле“ и таа била поморска сила која освоила многу делови од Западна Европа и Африка уште 9000 години пред времето на Солон или приближно 9500 п.н.е. По неуспешниот обид да ја освои Атина, Атлантида потонала во океанот наеднаш „во едно несреќно деноноќие“. Како сторија вклопена во платоновите дијалози, на Атлантида генерално се гледа како на мит кој бил создаден од Платон за да ги илустрира неговите политички теории. Иако функцијата на сторијата за Атлантида им изгледа јасна на повеќето научници, тие, сепак, се расправаат околу тоа дали платоновиот приказ бил инспириран од некои постари традиции. Некои научници тврдат дека Платон ги имал забележано сеќавањата за минатите настани како што се Тројанската војна и ерупацијата на Тера (т.е. островот Санторини), додека пак други тврдат дека се работи за понови настани, како што се уништувањето на Хелика во 373 п.н.е. (град на Пелопонез што исчезнал преку ноќ) или неуспешната инвазија на Атина врз Сицилија во 415-413 п.н.е.

Можното постоење на оригиналната Атлантида честопати било дискутирано во текот на класичниот период, но обично било отфрлано и пародирано од подоцнежните автори. Во Средниот век останала непозната, но повторно била откриена од хуманистите во модерните времиња. Платоновиот приказ инспирирал утописки дела на неколку ренесансни автори, како што е „Нова Атлантида“ од Френсис Бејкон. Атлантида и денес е инспирација во литературата, научната фантастика, комичните книги и филмови, каде што нејзиното име е синоним за предисториска и напредна (изгубена) цивилизација.

Платоновиот приказ

Платоновите дијалози Тимеј и Критија, напишани во 360 п.н.е. ги содржат најраните познати упатувања за Атлантида. Поради непознати причини, Платон никогаш не го завршил Критија; сепак научникот Бенџамин Џовет тврди дека Платон најпрво планирал да напише трет дијалог насловен Хермократ. Џон. В. Лук претпоставува дека Платон – по описот за потеклото на светот и човештвото во Тимеј, како и алегоричното совршено друштво на древна Атина и нивната успешна одбрана од непријателската Атлантида во Критија – планирал да ја опише стратегијата на Хеленската цивилизација за време на конфликтите со барбарите – тема за која требало да раскажува во Хермократ.
 

Платоновиот приказ на Атлантида во Тимеј:

"[24e]... зашто е забележано во нашите списи како еднаш порано твојата Држава му застана на патот на еден моќен непријател, кој напредуваше од далечно место во Атлантскиот океан и жестоко ја напаѓаше цела Европа и Азија. Океанот во тоа време беше пловен; на почетокот од устата која вие Грците ја нарекувате „столбовите на Херакле“ (Гибралтар), постоеше еден остров поголем од Либија и Азија заедно; та за патникот во тоа време беше можно да премине од него на другите острови, а од островите на целиот континент наспроти нив, кој го опфаќаше тој вистински океан. Бидејќи се што имаме овдека, што се простира до устината (теснецот) за која говориме е очигледно само пристаниште што има тесен влез; ама тоа што се наоѓа понатаму е вистински океан, а земјата што го опкружува може со право да се нарече континент. На овој остров Атлантида постоеше конфедерација од кралеви, со голема и величествена моќ, која се прошири над целиот остров и над многу други острови кои исто така, се дел од континентот..“

На самиот почеток спомнавме дека Атлантида во превод на старогрчки значи „островот на Атлас“. Двете марокански теории велат дека:
-Првата вели дека станува збор за остров кој постоел над Мароко и под Шпанија, на локација 40 км западно од Гибралтар.
- Втората теорија е дека Атлантида со тектонски движења се припоила со територијата на денешно Мароко, бидејќи мал дел од северозападниот дел на Мароко теренски многу наликува на Атлантида, од сите страни ниски предели, а на средината планина, а и во Мароко и Либија постои голема планина Атлас (најголема во северна Африка). Единственото што не се вклопува во втората теорија е тоа што не се најдени никакви археолошки остатоци. 
 
↑ Мароканска теорија за локацијата на Атлантида


Платоновата
приказна за Атлантида и описот за нејзината трагична пропаст, во тек на многу
векови се сметала за легенда. И денес во научниот свет не постои единствено
мислење дали оваа хипотетска цивилизација навистина постоела.Може да , а можеби
не...

Постојат многу претпоставки на научни хипотези за тоа дали Атлантида воопшто
постоела, каде се наоѓа и зошто(и како) исчезнала од лицето на нашата планета.
Најважен извор за нејзиниот сјај наоѓаме воПлатоновите “Дијалози” (Тимеј) во
кои наведува приказна која за време на својот претстој во Египет ја слушнал од
грчкиот филозоф Солон 583 година пред нашата ера.

Каде се наоѓала ?

Некогаш во дамнешните времиња, позади мореуз “Херкулусови столбови”(Гибралтар),
забележал Платон, се протегал голем остров кој се викал Атлантида. Островот
имал површина од околу 154000 квадратни милји, а на него живееле околу 20
милиона луѓе. Земјата изобилувала со топли извори, а во шумите живееле слонови
и други афрички животни. Плодните равници биле испресечени со канали кои
служеле како водени патишта за пренос на разна стока и земјоделски производи.
За богатствата на оваа хипотетска цивилизација, зборува податокот дека
нејзиниот главен град бил опколен со високи бронзени ѕидови, а дворците биле
прекриени со злато и сребро. Кога Атлантидците војувале со некого, на себе носеле облека преплавена со бронза, сребро, а понекогаш и злато.
Од 12000 па се до 9000-та година, Атлантида господарела во тој дел на светот, управувајќи со гигантското медитеранско царство, кое допирало се до Египет и Италија.
Атлантите се бореле за стварање на таква државна заедница во која идеали за
братство и пријателство се најголемо богатство.

Но, “еден ужасен ден и една ужасна ноќ”, наведува Платон “Атлантида ја
проголта- морето !...”

Од тогаш до денес се напижани преку 20 000 книги во кои се изнесуваат безброј
претпоставки. Една од последните ја напишал австрискиот инжињер Ото Хенрих Мук,
човек со широки погледи.

Мук нагласува дека Платон ја зборува вистината и додава дека Атлантида можела
да се наоѓа во близина на Азорските острови, кои лежат на одалешеност од 12000
километри од Европа.

Повеќето луѓе сметаат дека Атлантида има врска со грчкиот мит и легендата, но тоа е само делумно точно. Извор на приказната за Атлантида се наоѓа во светот на древна Грција, но строго зборувајќи не станува збор за мит или легенда како што се приказните за Јасон и Аргонаутите, за Тезеј и Минотаур или за Тројанската војна. Приказната за Атлантида е сосема поинаква, за неа пишал само еден човек, атинскиот философ Платон (427-347 г.п.н.е.). Останатите грчки автори подоцна расправале за Атлантида, но нивните идеи биле очигледен дериват.
Кога Платон ја опишал Атлантида, во два кратки дијалози, не се потпирал на вообичаената грчка традиција. Тврдел дека има посебен извор - својот далечен роднина, политичар и поет Солон (околу 615-535 г.п.н.е.). Солон многу патувал по Средоземјето, а едно од местата во кои отседнувал бил Египет. Како славен мудрец, Солон можел да разговара со свештениците на градот Саис во Египетската делта. Според Платон, Солон се распрашувал за „стари работи“, за оние кои се наоѓаат во нивните записи и свештениците му одговарале со неверојатна приказна.
Прво се смееле на Солоновите приказни за најстарите сеќавања за Грците, корејќи го: „Солоне, Солоне, тие твои Грци се мали деца.“ Свештениците се фалеле дека египетската историја е илјади години постара од тогашната грчка цивилизација: нивните институции основани се најмалку 8000 години пред тоа, а постоеле и сеќавања и на некои постари случки. Тврделе дека пред 9000 години (т.е. 9570 г.п.н.е.) веќе постоел голем град Атина на кој тогашните Грци едвај се сеќавале - ако воопшто се сеќавале - поради надојдените катастрофи.
Атлантида била остров кој лежел западно од Херакловите столбови (Гибралтар). Со нејзе владееле кралеви кои потекнувале од Посејдон, богот на морето. Главниот крал бил син на најстариот син на Посејдон, Атлас, кој му дал име и на островот и на Атлантскиот Океан во кој се наоѓал. Некогаш Атлантиѓаните по чистотата на срцето биле налик богови, но како што исчезнувала во нив боговската крв, на крајот станале расипани и лакоми. Веќе завладеале со големо царство кое се простирало до централна Италија во Европа и до границите на Египет во Африка, но одлучиле да го покорат и останатиот дел на Средоземјето. Меѓутоа, и покрај тоа што Атињаните биле напуштени од страна на сојузниците, успеале да ги победат.
Кога војната била при крај, боговите одржале собор и одлучиле да ги казнат Атлантиѓаните поради нивната гордост. „Се појавиле страшни земјотреси и големи поплави“, запишал Платон, „и за еден единствен ден и ноќ... островот Атлантида исчезна во морските длабочини.“ За време на истата катастрофа, атинската војска која сеуште војувала, земјата ја проголтала.
Платоновиот опис во делото Kritija вклучува и приказ на општественото уредување на Атлантида. Островот бил рај полн со сите природни извори: во изобилство питка вода, големи рудни богатства, бујна вегетација која раѓала се, од храна до мирис, и стада животни вклучувајќи и слонови. Она што недостасувало било донесено од прекуморските царства. Резултат од тоа бил „кралевите на Атлантида поседувале такво богатство какво што пред нив ниеден владетел немал и какво најверојатно никогаш нема ни да има.“
Секој крал поседувал свој кралски град, но во најголемиот град, престолнината на Атлантида, владееле Атласовите потомци. Овој град лично го основал Посејдон, копајќи низ концентрични канали заради заштита на градилиштето. Неговите наследници го разубавиле градот, копајќи голем подземен канал со кој ги поврзале кружните канали и ги споиле со морето. Преку каналот изградиле огромни мостови, а околу секој копнен прстен изградиле одбрамбени ѕидини, кои ги оковале со метал: надворешниот ѕид блескал во бронза, следниот во калај, а внатрешниот во orikalkum, непознат метал „кој блескал како пламен.“ Во надворешниот дел од градот се наоѓале: складови, касарни, тркачки терени, паркови и храмови, а на главниот остров комплекс палати кој претставувал земја на чудата. Главниот храм (посветен на Посејдон и неговата жена, нимфата Клит) бил обложен со сребро и украсен со топки од злато; неговиот покрив бил од слонова коска украсен со благородни метали. Бил и три пати поголем од Партенон во Атина. Внатре се наоѓале слики од првите кралеви и кралица на Атлантида и златна статуа на Посејдон, која скоро го допирала таванот, кој бил висок 100 метри. (За споредба, Кипот на слободата во Њу Јорк е висок нешто помалку од 46 метри, а почива на постоље со висина од 47 метри.)
Во Платоновиот приказ нема ништо што би асоцирало на сензационални појави присутни во некои популарни книги - нема ни трага од летечки машини, ласерски топови, ниту од свештеник со чудна психичка моќ, а нема ни нешто за тоа дека Атлантиѓаните се плеткале со опасни космички сили. Сеедно, многу од тоа што опишува Платон - големите технички постигнувања и нивото на материјалното богатство - сигурно во времето на пишување на дијалогот (околу 360-350 г.п.н.е.) се читало како научна фантастика. Египќаните тврделе дека нивната цивилизација е најстара во Средоземјето, така што Грците ги почитувале поради нивната древност. Сепак, се сметало дека Атлантида е постара и од Египет.
Платоновиот опис бил толку натегнат, што философот Аристотел (384-322 г.п.н.е.), неговиот ученик, едноставно го отфрлил како чиста измислица. Против ова го имаме постојаното Платоново тврдење, ставено во устата на Критиј, дека приказната е „дословно вистина.“ Критиј бил Платонов роднина, всушност негов чукундедо. Се претпоставува дека приказната за потеклоо е од далечниот предок Солон, за кој велат дека напишал еп за Атлантида пред својата смрт.
Платон напишал: дали е оваа приказна сосема измислена или зад нејзе се наоѓа некаква историска реалност?

Еве една мистерија која ретко кој ја знае наречена:Voynich Manuscript.
Во 1912 колекционер на ретки книги во Италија наидува на нешто што е енигма и до ден денес:мистериозен манускрипт кој се состои од околу 220 страни на кој се најмногу видливи цртежи на цвеќиња со дадени објаснувања на некој непознат јазик.Во самата книга има секции во кои има знаења од биологијата, космологијата, фармацијата.....
Колекционерот отишол во Америка да најде некој стручен да го преведе и ништо.Сите кога ке го виделе велеле дека не е ништо посебно тешко, но подоцна испаѓа дека ни еден збор не може да се преведе.......
Со текот на годините пробувале археолози, лингвисти, математичари, нобеловци и на крај ништо..........
Има неколку милијардери кои имаат фондови огромни за превод ама се е џабе.Само успеале да утврдат дека е стар неколку илјади години.А интересно е тоа што има карти на вселената и детални слики на непознати растенија.Некои сметаат дека таа книга е остаток од Атлантида.Реално гледано нејзината содржина е илјадници години понапредно од нејзиното време. Дали Атлантидците оделе во вселената?
A еве и уште нешто... 
На еден стар Египетски хиероглифски натпис се гледаат форми, самите заклучете на што ве потсеќаат...
 



Kalendar
« Septembar 2008 »
Po Ut Sr Če Pe Su Ne
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30          
Pretraži
Najnovije...
Kategorije
Arhiva
Linkovi
Meni